„Амазон“ го надмина „Мајкрософт“ и за првпат стана највредната компанија на светот.
Гигантот во онлајн продажба достигна вредност од 797 милијарди долари, откако акциите му пораснале за 3,4%, избивајќи пред „Мајкрософт“, кој вреди 789 милијарди. Џеф Безос, кој го основал „Амазон“ пред 25 години, денес важи за најбогатиот човек на светот (135 милијарди долари, според индексот на „Блумберг“).
Почнувајќи од гаража во предградие на Сиетл, „Амазон“ првично бил замислен како компанија за продажба на користени книги. Веќе во 1996 година, „Амазон“ продаваше книги низ цели САД, а кога излезе на берза следната година, беше проценет на 54 милиони долари.
На третото место по вредност е „Епл“, проценет на 720 милијарди долари.