„АНА И ХАНА“ ВО РЕЖИЈА НА ГИНИН ВЕЧЕРВА ПРЕМИЕРНО ВО ТУРСКИ ТЕАТАР

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Ана и Хана“ во режија и адаптација на Драгана Гинин е новата претстава на Турски театар, која премиерно ќе се изведе вечерва во 19 часот.

Претставата е работена според мотиви од „Дневникот на Ана Франк“ и следи две паралелни приказни, за девојчето Ана од 1944 година и за Сиријката Хана од 2015 година. Режисерката вели дека за време на подготвувањето на претставата, го посетиле Музејот на Холокаустот во Скопје и разговарале со семејство на мигранти од Сирија.

„Пораката на претставата е дека децата се најголеми жртви во војните. Ова е и некаков апел до светот, да престанат сите војни“, вели Гинин.

Во претставата играат: Емине Халил, Жале Османли, Инес Радончиќ, Хакан Даци, Фунда Ибрахим, Един Јакуповиќ, Зиба Радончиќ, Ријад Тахир и Наџије Кеч.

Сценографијата е на Беди Ибрахим, костимите на Елена Вангеловска, музиката на Ади Имери, а кореографијата на Александра Кочовска-Начева.

Б. НЕСТОРОСКА