„АНГЛИСКИ ПАЦИЕНТ“ ИЗБРАНА ЗА НАЈДОБРА КНИГА МЕЃУ СИТЕ ДОБИТНИЦИ НА БУКЕРОВА НАГРАДА

Лондон, (Гардијан)

„Англиски пациент“, дело на канадскиот автор Мајкл Ондатје, ја освои наградата „Златен Букер“, со што беше прогласена за најдобра книга што ја добила Букеровата награда во изминатите 50 години.

Специјалното натпреварување се одржа по повод половина век од доделувањето на една од најпрестижните награди во светот на литературата, со цел да се види која книга најмногу го издржала тестот на времето. Оваа книга, која го освои Букер во 1992 година, била избрана по пат на јавно гласање, при што од секоја декада бил издвоен по еден досегашен победник.

„Почестен сум и многу изненаден што ја примам оваа специјална награда за ‘Англиски пациент‘, особено имајќи предвид во какво друштво бев. Имам чувство како многу одамна да сум ја напишал оваа книга“, кажа 74-годишниот Ондатје, кој потекнува од Шри Ланка.

Според оваа книга беше снимен и успешен истоимен филм, кој освои девет оскари во 1997 година, од кои и за најдобар филм.