Во исто време и на исто место во Домот на млади во Штип, сликарите Дороти Пачкова и Дарко Аницин со свои изложби почнаа да ги реализираат ликовните проекти „Арт Фем“ и „Нов културен бран со авторефлексија низ игра“.
И двајцата уметници најавија посебни сликарски карвани, па нивните дела во наредниот период ќе се најдат во поголемите градови во државата, а подоцна, се надеваат, и во странство.

Инспирација за овој проект на Пачкова ѝ била последната ликовна колонија на која учествувала, а се случила на тромеѓето Србија-Косово-Црна Гора, додека Аницин преку ликовна игра ја претставува нелингвистичката природа на емотивните интеракции и ја објаснува нивната функционалност во емотивните светови.
„Моите мото и инспирација се сѐ поголемиот тренд на разни психопојави со кои се соочува современиот свет, а во последно време тоа е стресот. Со моите дела упатувам порака до човештвото дека со секоја авторефлексија низ игра се надминува стресот. Колоритската игра е најдобрата можна терапија за анулирање на стресот“, вели Аницин.
Тој повеќе од 15 години, прво како ученик во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски “, а подоцна и на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, ја изразува својата креативност низ цртежи и слики, посебно во областа на графичкиот дизајн.

Т. ЈОВАНОВСКИ