Обединетите Арапски Емирати денеска ја почнаа својата прва мисија кон Марс, откако од Јапонија ја лансираа сондата „Хоуп“, чија цел е проучување на климата и времето на „црвената планета“. „Хоуп“ треба да помине пат од 500 милиони километри пред да стигне на својата дестинација во февруари 2021, што ќе се совпадне со 50-годишнината од основањето на ОАЕ.
„Ова ќе го има истото влијание врз нашата земја како кога Американците го гледаа слетувањето на ‘Аполо 11‘ на Месечината пред 51 година“, изјави Сара Ал Амири, научниот водач на проектот „Хоуп“.
Ова е една од трите мисии што овој месец ќе се упатат кон Марс, бидејќи свои лансирања подготвуваат и САД и Кина.
ОАЕ имаат мало искуство во дизајнирањето и производството на вселенски летала, но се обидуваат да постигнат нешто што досега им успеало само на САД, Русија, Европа и Индија. Нивните инженери го развиваа леталото шест години и тоа треба да обезбеди нови податоци за атмосферата на Марс.