АРХЕОЛОЗИТЕ ГО СОЗДАДОА ЛИЦЕТО НА НАЈПОЗНАТАТА ПЕРУАНСКА МУМИЈА, ДЕВОЈКА КОЈА БИЛА ЖРТВУВАНА ПРЕД 500 ГОДИНИ

Перу, (Би-Би-Си)

Археолозите создадоа модел кој покажува како би изгледала најпознатата перуанска мумија. Позната како Хуанита, мумијата била девојка за која се верува дека била жртвувана во ритуал пред повеќе од 500 години.

Тим на перуански и полски научници работел со шведскиот специјалист за фацијална реконструкција Оскар Нилсон за да направат силиконска биста на мумијата. Јохан Рајнхард, американскиот археолог кој ја пронашол мумијата во 1995, изјави дека бистата ја прави уште пожива.

При реконструкцијата, научниците правеле скенирања на телото, мерења на черепот, ДНА истражувања и проучувања на етнолошките карактеристики.

Ни требаа 400 часа работа за да го обликуваме лицето“, изјави Нилсон.

Замрзнатото тело на Хуанита е пронајдено на надморска височина од 6.400 метри за време на експедиција на вулканот Ампато. Таа носела церемонијална туника и покривало за глава и била окружена со керамички предмети, вклучувајќи фигурини.

Истражувањата на телото покажале дека имала 14-15 години кога била жртвувана и дека можна причина за смртта бил силен удар во задниот дел на главата. Експертите веруваат дека била дрогирана и морала да клекне пред да ја усмртат.

Според верувањата на Инките, вакво жртвување им носело чест на родителите и блаженство во задгробниот живот на жртвите“, кажа Рајнхард.

(Фото: АП)