Жителите на Берлин би можеле да плаќаат јавен превоз од едно евро на ден, со цел да се одвикнат од користење автомобили и да се намали аерозагадувањето, изјави градоначалникот Михаел Милер.
„Чекор по чекор, сакаме да ја постигнеме целта за воведување годишен билет за јавен превоз од 365 евра“, рече Милер.
Берлин на тој начин сака да го преземе таканаречениот виенски модел: користењето на јавниот превоз во австриската престолнина се зголеми откако операторот „Винер линин“ ја намали цената на годишниот билет од 449 на 365 евра во мај 2012. Речиси половина од популацијата на Виена, односно 822.000 луѓе, имаат купено годишен билет, а возењето со метро, трамвај или автобус се зголеми за 38%.
Од почетокот на годината, билет од 365 евра пробно е воведен и во Бон и југозападниот град Ројтлинген, а федерални субвенции за јавен превоз ќе почнат да користат и некои други германски градови, како Минхен.