Природата им донесе неочекуван подарок на ноќните сурфери во јужна Калифорнија во вид на биолуминисцентни бранови.
Овој феномен се случува на неколку години покрај брегот на јужна Калифорнија, но локалните жители велат дека овојпат светкањето на морето е особено живописно, што веројатно се должи на обилните дождови во регионот, кои го поттикнаа цутењето на алгите.
„Сурфам веќе 20 години, но никогаш не сум видел вакво нешто“, изјави Дејл Хантингтон од Сан Диего.
Неонските бранови ја должат својата боја на цутењето на микроскопските растенија фитопланктони. Преку ден, овие организми се собираат на површината на водата, давајќи ѝ црвеникаво-кафеава нијанса, што е познато како црвена плима. Ноќе, алгите прават светлосно шоу, што особено доаѓа до израз кога водата е разбранувана.