Среде глобалната пандемија на коронавирусот, Македонија прво стана 30. членка на НАТО, а денеска од Брисел доби зелено светло за отворање пристапни преговори со Европска Унија.

Пет месеци откако извисивме најмногу поради противењето на Франција, министрите за надворешни работи на земјите членки на Унијата преку видеоконференција одобрија Македонија и Албанија да ги почнат преговорите.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји кажа дека Европската комисија многу брзо ќе ја создаде преговарачката рамка, за што поскоро да се почне со преговорите.

„Колку брзо ќе ги завршиме преговорите зависи од нас, од оваа Влада, од идната Влада. Бидејќи од 2001 година сме во процесот на стабилизација и асоцијација, а земја кандидат од 2005, во голем дел од областите имаме солидно ниво на усогласеност со европското законодавство“, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров.

За одлуката да се отворат преговори со двете земји политичка согласност треба да дадат и лидерите на земјите членки на ЕУ, што се очекува на самитот на Европскиот совет на 26 март, кој исто така ќе се одржи во вид на видеоконференција.