Њујоршки Бродвеј ги откажа сите претстави до 30 мај 2021, објави славната театарска и музичка сцена. Сите 41 сала во славниот театарски центар се затворени од 12 март, кога градот влезе во карантин за да се спречи ширењето на коронавирусот.
Досега беше познато дека сцените нема да почнат со работа пред јануари.
„Со речиси 97.000 вработени и годишен приход од 14,8 милијарди долари за градот, ние ќе отвориме веднаш штом се создадат услови за тоа. Работиме неуморно со голем број партнери за да бидеме економски издржливи веднаш штом почнеме со работа“, изјави директорката на Бродвејската лига, Шарлот Сент Мартин.
Бродвеј во минатото неколку пати бил затворен, поради штрајкови или после терористичкиот напад на 11 септември, но ова е најдолгата пауза во неговото функционирање.