Палеонтолозите открија череп на суров морски предатор, далечен предок на модерните китови, кој своевремено живеел во праисториски океан што покривал делови од денешен Перу.
„Околу 36 милиони години стариот череп, кој е во одлична состојба, беше ископан лани во перуанската пустина Окукахе, со низи на долги, шилести заби“, изјави палеонтологот Родолфо Салас од Националниот универзитет на Сан Маркос.
Научниците сметаат дека древниот цицач бил базилосаурус, чии современи потомци се китови, делфини и морски свињи. Неговата должина се проценува на 12 метри.
„Тоа било морско чудовиште. Кога барал храна, несомнено правел многу штета“, додаде Салас.
Научниците веруваат дека првите китови еволуирале од цицачи кои живееле на копно пред 55 милиони години.