ЧЕСТ И ПРИВИЛЕГИЈА Е ШТО НАШАТА КОМПАНИЈА Е ВБРОЕНА ВО МОНОГРАФИЈАТА ЗА ВИЗИЈАТА НА КРАЛОТ ЧАРЛС ТРЕТИ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА АНА ЈАКИМОВСКА

Скопје, (СМАРТСДК.МК)

Лондонската компанија „Калчр трип“ (Culture Trip) чија директорка е Македонката Ана Јакимовска, е вброена на листата компании и луѓе кои одат во иста насока со визијата на британскиот крал во монографската книга „Кралот Чарлс Трети: Лидерство и визија на модерен монарх“. Книгата беше промовирана вчера во Лондон по повод 75. роденден на кралот и годината на неговото крунисување кое беше на 6 мај, а е издание на издавачката куќа „Сент Џејмс“ која соработува со кралското семејство.

Во книгата во интервју со Јакимовска е претставена нејзината компанија.

„Чест и привилегија е да се биде дел од индивидуалците и компаниите кои се совпаѓаат со визијата и каузите на неговото височество Чарлс Трети. Градење иднина која ќе остави фер наследство на следните генерации е должност на сите нас и горди сме што во ‘Калчр трип’ добивме признание дека придонесуваме за тоа“, ни рече Јакимовска, чија компанија користи и македонски кадар од ИТ, дизајн и маркетинг.

Во книгата „Кралот Чарлс Трети: Лидерство и визија на модерен монарх“ во интервју со Јакимовска е претставена нејзината компанија „Калчр трип“. (Фото: Факсимил од книгата)

„Калчр трип“ е стартап за патување со мисија да помогне во осаменоста како општествен проблем преку создавање значајни врски меѓу луѓето и местата. Обезбедува мали групни премиум патувања креирани од експерти за патувања и поддржани од локални инсајдери, покрај нивните наградувани водичи до над 180 дестинации. Веб-страницата на „Калчр трип“ и платформите за социјални медиуми задно привлекуваат околу 15 милиони корисници кои ги истражуваат илјадниците совети и идеи од експерти за патување. Јакимовска вели дека неа и тимот особено ги интересира динамиката во групата и дека повеќето патници на турите стекнуваат доживотни пријатели.

Роберт Џобсон, биографот на кралот Чарлс Трети, е еден од авторите на монографската книга. (Фото: Приватна архива)

Вчера, на промоцијата во легендарниот лондонски хотел со пет ѕвезди „Клариџeс“ присуствуваа бројни пратеници и претставници од Домот на лордовите, а книгата исто така ќе им биде пратена и на Паламентот и на кралското семејство.

„Настанот беше доживување особено поради тоа што бевме опкружени со инспиративни лидери, но и поради тоа што ‘Клариџес’ е симбол на традиција коjа се приспособува кон контекстот. Од 1800 година до денес е место каде кралската фамилија, политичари и уметници ги носат своите идеи и достигнувања“, ни рече Јакимовска за промоцијата.

Промоцијата беше во легендарниот лондонски хотел со пет ѕвезди „Клариџeс“. (Фото: Приватна архива)

Родена скопјанка, Јакимовска повеќе од 20 години живее и работи во Лондон. Пред да ја преземе „Калчр трип“, таа беше на високи функции за развој на дигитален производ во различни медиумски организации, меѓу кои и „Гардијан“, „Би-Би-Си“, „Канал 4“, „Ај-Ти-Ви“ и „Скај њуз“. Докторирала на тема вештачка интелигенција и вели дека страсно ја интересира истражувањето за тоа како вештачката интелигенција може да биде позитивен нарушител во општествата. Со нејзиниот тим во „Калчр трип“ се фокусираат да се постигне што е можно поголема еколошка одржливост за патувањата што ги нудат и настојуваат да не се користат внатрешни авионски летови во земјата која се посетува.

Фото: Ана Јакимовска на промоцијата на книгата „Кралот Чарлс Трети: Лидерство и визија на модерен монарх“ вчера во Лондон. (Приватна архива)

 

М. КОСТОВА