Десетици илјади туристи од цел свет окупираа локации во Чиле и Аргентина за да присуствуваат на еден од најволшебните космички настани – тотално помрачување на сонцето.
Помрачувањето прво можеше да се види во Ла Серена, чилеански град со 200.000 жители, во кој во исто време дојдоа и 300.000 туристи, па локалните компании мораа да обезбедат дополнителни количества вода и бензин.
„Денес, Чиле е светска престолнина на астрономијата“, изјави претседателот Себастијан Пињера, алудирајќи на десетици големи опсерватории низ земјата.
Северно Чиле е познато по чисто небо, а еден од најголемите и најмоќни телескопи на светот е изграден токму во оваа област.
„Во изминатите 50 години имавме само две помрачувања кои поминаа над нашите опсерватории и затоа ова е нешто посебно за нас. Конечно можеме да ги употребиме нашите играчки дење“, изјави астрономот Елјар Седагати.
Илјадници посетители дојдоа и во соседните области во Аргентина, кадешто исто така можеше да се види целосното помрачување.
Следното целосно помрачување на сонцето ќе се случи на 14 декември 2020, кога повторно ќе може да се види во Чиле и Аргентина, но на други локации. Тоа се случува кога Месечината поминува меѓу Земјата и сонцето и целосно ја блокира сончевата светлина.