ДАРКО АЛЕКСОВСКИ И НАДА ПРЉА ДЕЛ ОД ИЗЛОЖБА ВО САРАЕВО КОЈА ПОВРЗУВА УМЕТНОСТ И ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонските уметници Дарко Алексовски и Нада Прља од денеска до 3 февруари учествуваат на изложбата „Уметнички позиции за загрозениот биодиверзитет и соживот на видовите“ во Сараево, која ги поврзува уметноста и заштитата на животната средина. Алексовски се претставува со серија дела насловена „И планините продолжуваат да ветуваат“, а Нада Прља со инсталацијата од девет слики „Се родив да летам III“ и „Животната средина“.

Во планинскиот појас Враница живее босанскиот планински тритон, водоземец кој се смета за загрозен вид. Националниот музеј на БиХ е во процес на изградба на вивариум за негова заштита.

По тој повод е изложбата на современи уметнички дела во рамките на Природонаучниот оддел на Националниот музеј во Сараево. Осумнаесет уметници и уметнички групи од централна и југоисточна Европа изложуваат дела на пресекот помеѓу природата, човековата активност и различноста на видовите, наспроти загрозените форми на живот во антропоценот. 

Составен дел од проектот ќе биде еднодневен симпозиум со гости од областа на визуелните уметности и експерти од областа на природните науки. Нашите ликовни уметниции Христина Иваноска и Нада Прља се меѓу учесниците.