ДЕНОВИ НА ХОЛАНДИЈА ВО СКОПЈЕ ЗА 30-ГОДИШНИНАТА ОД ДИПЛОМАТСКИТЕ ОДНОСИ СО МАКЕДОНИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Деновите на Холандија, фестивал на холандската култура, дизајн и храна по повод одбележувањето на триесетгодишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Холандија и Македонија, се отвори денеска во Скопје од амбасадорот на Холандија, Дирк Јан Коп и генералниот менаџер на „Ист гејт мол“, Игор Давков. Фестивалот се одржува во трговскиот центар и ќе трае до 30 април.

Фестивалот започна со симболичното отворање на градината пред трговскиот центар каде беа засадени 400 садници кои се донација од холандската компанија „Еуропеан плантс“, а беше поставена и скулптура-велосипед, изработена од средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ и Факултетот за шумарство „Ханс Ем“, кој беше вклучен и во севкупниот дизајн на градината.

„Се надевам дека пријателството меѓу нашите две држави ќе расте како и градината што ја засадивме заедно“, рече амбасадорот Коп.

За време на викендот, на 22 и 23 април, во трговскиот центар ќе има традиционален пазар со холандска храна и пијалаци, саем на цвеќе и велосипеди и изложба, како и специјална виртуелна прошетка.

„Секоја земја во светот е уникатна по одредени обичаи, традиции и начин на живот, а овие денови ‘Ист гејт мол‘ е во знакот на Холандија, со автентична храна, цвеќе и велосипеди“, рече Давков.

(Фото: Ж. Чулиќ)