Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ од Битола подготвува адаптирана театарска претстава според драмата „Бегалка“ од Васил Иљовски, во која актери-аматери ќе бидат децата со попреченост, со поддршка од ученици од битолски училишта. Премиерата ќе биде на 4 декември во 18 часот во Битолскиот театар по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
„Целта е вклучување на лицата со попреченост во културата и уметноста преку театарот како алатка за изразување на можности. Оваа наша и нивна активност за вклучување во секојдневниот живот се зголемува со секој наш и нивни обид. Тоа ќе го сторат со повеќе или помалку умешност, но тоа е уште еден обид да им покажеме на сите дека не постои тешко или лесно, туку сакам или не сакам, а очигледно е дека сакаме“, рече Јуле Трајчевска, еден од основачите на Центарот и иницијаторка на претставата.
Во подготовката на претставата им помагаат наставничките-менторки Весна Гагаловска и Лидија Поповска со ученици од основните училишта „Тодор Ангелевски“ и „Трифун Пановски“, средношколци од Државното музичко училиште со професорот-ментор Александар Грујовски и ансамблот „Плетенка“ и Народниот театар во Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА