Публиката се изнаигра со овации и свирежи на евровизискиот хит на една од најпопуларните групи на сите времиња „АББА“, „Ватерло“, на финалето на мјузиклот „Мама миа“, кој премиерно се изведе синоќа во полниот салон на Македонскиот народен театар (МНТ).
„Ватерло“, кој во шарени и светликави костими препознатливи по стилот на „АББА“ , со диско топка и конфети на сцената , го изведоа актерите Биљана Драгичевиќ- Пројковска, Тања Кочовска, Арна Шијак, Владимир Јачев, Трајче Ѓоргиев и Кире Ѓоревски, беше совршен крај за мјузиклот кој е базиран на повеќе од 15 хит синглови на Швеѓаните.
Преку хитовите на „АББА “ се раскажува комичната приказна за тинејџерка, која е во потрага по нејзиниот вистински татко на еден грчки остров.
Публиката, главно составена од актери и директори на повеќе културни институции, во еден здив го изгледа енергичниот и динамичен мјузикл, кој го поставија режисерката Наташа Поплавска, кореографката Олга Панго и диригентката Бисера Чадловска со екипа од 70-тина актери, балетски танчари, музичари и придружни вокали.
Препевот и преводот на хитовите го направи глумицата Тина Трпкоска, за кој публиката коментираше оти е најпријатно изненадување бидејќи песните одлично звучеа на македонски јазик. Според правилата на договорот со словенечкиот партнер „Проспот“, кој ги има правата за мјузклот, на македонски не беше преведена само „Ватерло“, и таа се изведе само еднаш, како одјавна шпица.
Покрај наведените актери, долгиот аплауз го доби и Нина Деан, како Софи Шеридан, која иако е позната и по долгогодишно искуство како танчерка и професорка по танц, во „Мама миа“ ја воодушеви публиката со пеењето и глумата. Нина првите честитки и букет свеќе на сцената ги доби од своето момче, глумецот Стефан Вујисиќ и од очувот, актерот Кирил Поп Христов.
Сценографијата , според веќе готовиот модел на Словенците, е дело на Александар Дениќ, а костимите се на Роза Трајческа-Ристовска.
Б.НЕСТОРОСКА