ДО 1 ЈУЛИ ЌЕ ТРАЕ ШЕСТИОТ КОНКУРС ЗА КНИЖЕВНАТА НАГРАДА „ПЕГАЗ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Отворен е шестиот конкурс за наградата „Пегаз“, што го организира издавачката куќа „Арс Ламина“, во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Ќе трае до 1 јули, а добитникот на наградата ќе биде прогласен на 2 септември.

За наградата „Пегаз“ можат да конкурираат необјавени романи (ракописи) за возрасни или за деца, што ќе ги достават самите автори на [email protected] како ворд или ПДФ-документ. Ракописите ќе ги оценува тричлена жири-комисија составена од двајца реномирани културни работници и еден претставник на издавачката куќа, чии имиња ќе бидат објавени дополнително.

Наградата „Пегаз“ е откупна и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција.

Досегашни добитници на наградата се романите „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук во 2019, „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски и „Лазарка“ од Љупчо Петрески во 2020, „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков (2021), „Зелениот дворец“ од Сибо (2022) и „Риба во(н) мрежа“ од Јована Матевска-Атанасова (2023), што ќе биде објавен следниот месец.