ДОНАЛД И МЕЛАНИЈА ТРАМП ЛИЧНО ГИ ИНФОРМИРАА ДЕЦАТА КОГА ДОАЃА ДЕДО МРАЗ

Вашингтон, (ДПА)

Каде е Дедо Мраз во овој момент? Командата на американската војска која го набљудува небото над Северна Америка заради можни проектили (НОРАД), можеби, го има одговорот.

Таа ги следи Дедо Мраз и неговите санки и за тоа објавува податоци на Интернет, во традиција што датира од 1955 година.

Центарот на НОРАД во Колорадо, исто така, има телефонска линија, преку којашто децата можат да дознаат каде е Дедо Мраз во одреден момент. Минатата година, тој добил 150.000 вакви повици, а во центарот се ангажирани повеќе од 1.000 волонтери.

Неколку часа пред Дедо Мраз да пристигне во САД, Доналд Трамп и неговата сопруга Меланија го примија првиот повик од децата. Тој одговорил на 11, а Меланија на десет повици во Мар-а-Лаго на Флорида, каде што ги поминуваат божиќните празници.

„Што најмногу сакаш да добиеш за овој Божиќ“, запрашал Трамп едно од децата и беше импресиониран од неговиот одговор.

„Сакаш твојата баба да излезе од болница? Тоа е прекрасно, многу подобро отколку да бараш играчки“.

Една од првите станици на Дедо Мраз е Божиќниот Остров, што се наоѓа во Индискиот Океан.

„Дедо Мраз со своите елени се движи кон Дижон, Франција и Женева, Швајцарија во 22.45 часот по локално време. Движејќи се со брзина на ѕвездена светлина, тој испорача повеќе од 3,5 милиони подароци во Азија, големата територија на Русија и во Африка“, стои во извештајот на НОРАД.