ДОНАЛД ТРАМП Е МОЈ БРАТ, ИЗЈАВИ КАНЈЕ ВЕСТ

Њујорк, (Гардијан)

Доналд Трамп му се заблагодари на Канје Вест, откако раперот јавно изрази љубов кон него, изјавувајќи дека и двајцата имаат енергија на змеј.

Вест објави серија твитови за Трамп, неколку дена откако на Твитер ја величеше и десничарската коментаторка Кендејс Овенс.

„Не мора да се согласувате со Трамп, но никој не може да ме натера да не го сакам“, гласеше еден твит.

„Двајцата имаме енергија на змеј. Тој е мој брат. Јас ги сакам сите. Не се согласувам со сѐ што прават другите. Имаме право на независни мисли“, додаде сопругот на Ким Кардашијан.

Трамп сподели еден твит на Вест, опишувајќи го како „многу кул“.

Вест подоцна објави и фотографија на којашто носи капче со слоганот на кампањата на Трамп „Да ја направиме Америка повторно голема“. Не е познато што го инспирирало Вест за вакви твитови.

Трамп и Вест беа видени заедно во декември 2016 година, но портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс изјави дека не е запозната дали тие се во контакт.