Два пиштола кои му припаѓале на францускиот император Наполеон Бонапарта, со кои некогаш имал намера да се самоубие, се продадени на аукција за 1,69 милиони евра. Оружјето oд парискиот производител Луj-Марин Госет се очекуваше да достигне цена меѓу 1,2 и 1,5 милиони евра.
Аукцијата се одржа во аукциската куќа „Осенат“, која се наоѓа веднаш до палатата Фонтенбло, каде што Наполеон се обидел да си го одземе животот по неговата абдикација во 1814 година.
Продажбата на пиштолите уследи откако француското Министерство за култура неодамна ги класифицираше како национални богатства и го забрани нивниот извоз. Ова значи дека француската влада сега има 30 месеци да достави понуда за нивно откупување од новиот сопственик, кој не е јавно објавен.
Пиштолите се обложени со злато и сребро, а во профилот е изгравирана слика на Наполеон.
Според историчарите, Наполеон сакал да ги искористи за да се самоубие ноќта на 12 април 1814, откако поразот на неговата војска значел дека ќе мора да се откаже од власта. Меѓутоа, Арман де Коленкур го отстранил барутот од оружјето и Наполеон место тоа зел отров, но преживеал. Подоцна му ги дал пиштолите на Коленкур, кој пак им ги предал на своите потомци.