Администрацијата на Џо Бајден објави дека ќе се засадат една милијарда дрвја на илјадници квадратни километри изгорени и мртви шумски површини во САД, додека американските шуми продолжуваат да страдаат од пожари, инсекти и други манифестации на климатските промени.

Разорните пожари во изминатите години толку многу ја изгореле почвата што шумите не можат природно да се обноват и истовремено ги надминаа капацитетите на властите да садат нови дрвја.

„Тоа отвори површина од 1,7 милиони хектари што мора повторно да се пошуми“, велат официјални лица.

Минатата година, Конгресот усвои закони со кои на Агенцијата за шуми ѝ беше наредено да посади 1,2 милијарди дрвја во следните десет години. Најпогодени се западните сојузни држави, каде што секоја година се повторуваат шумски пожари.

Оваа година веќе изгореле над 22.000 квадратни километри, со што би можел да биде соборен рекордот од 2015, кога била уништена речиси двојно поголема површина.

Шумите најчесто природно се обновуваат по пожари, но тие станале преинтензивни, оставајќи јалов предел зад себе.