Едно од најголемите ривалства во меѓународниот фудбал ќе се обнови денеска кога Англија и Германија ќе се сретнат во осминафиналето на Европското првенство. Двете селекции имаа епски дуели во минатото, вклучувајќи го финалето на Мундијалот во 1966 година. Севкупно гледано, Германија води со 15 победи, наспроти 13 порази и четири нерешени средби.
1938: АНГЛИЈА-ГЕРМАНИЈА 6:3
Мечот помалку се памети по резултатот, а повеќе по она што се случувало пред неговиот почеток, кога гостинските играчи ја испружиле раката во нацистички стил при интонирањето на германската химна пред 110.000 гледачи на Олимпискиот стадион во Берлин. И тоа го направиле по наредба на британската влада.
1966: АНГЛИЈА-ГЕРМАНИЈА 4:2
Англија ја освои својата единствена светска титула токму против Германија, а финалето го обележа можеби најконтроверзниот гол во историјата на фудбалот. Поради слабиот квалитет на снимките и малиот број камери на мечот, до денешен ден остана нејасно дали топката ја поминала гол-линијата откако по ударот на Херст се одби од пречката. Швајцарскиот судија Динст му поверува на својот помошник Бахрамов дека е гол.
1970: ЗАПАДНА ГЕРМАНИЈА-АНГЛИЈА 3:2
Германија се врати од негатива од два гола пред да ја елиминира Англија во четвртфиналето на СП четири години подоцна.
1972: ЗАПАДНА ГЕРМАНИЈА-АНГЛИЈА 3:1
Пред европското првенство да добие завршен турнир, четвртфиналето сè уште беше дел од квалификациите. На првиот меч на „Вембли“, Германија славеше со головите во 84. и 88. минута, а во реваншот беше 0:0.
1990: ЗАПАДНА ГЕРМАНИЈА-АНГЛИЈА 1:1 (4:3 на пенали)
Како и во 1966 и 1970, повторно се играа продолженија, но победникот на полуфиналето на СП во Италија го решија пеналите, поточно промашувањата на Стјуарт Пирс и Крис Водл.
1996: ГЕРМАНИЈА-АНГЛИЈА 1:1 (6:5 на пенали)
Пеналите го решаваа и учесникот во финалето на ЕП во Англија, а клучниот удар не го реализираше сегашниот селектор Гарет Саутгејт.
2010: ГЕРМАНИЈА-АНГЛИЈА 4:1
Иако беа постигнати дури пет гола, на крајот најмногу се зборуваше за еден што не беше признат. При 1:2, Лампард упати удар од работ на 16-никот, а топката од пречката се одби зад гол-линијата. Сепак, судијата одмавна со раката и не покажа на центарот.