ЕРУПТИРАШЕ ПОПОКАТЕПЕТЛ, НАЈАКТИВНИОТ ВУЛКАН ВО МЕКСИКО

Мексико Сити, (Дејли мејл)

Попокатепетл, најактивниот вулкан во Мексико, спектакуларно еруптираше вчера, исфрлувајќи лава, карпи и облак од прашина до височина од 3.000 метри.

Нема повредени, иако најблиските градови Сан Педро Бенито Хуарес и Сантјаго Халицинтла се оддалечени само десетина километри од вулканот и влегуваат во високо ризична област. Двата града имаат над 2.000 жители.

Властите издадоа жолта тревога, предупредувајќи ги жителите да ги заштитат очите и дишните отвори.

Попокатепетл на ацтечки значи Зачадена Планина и се наоѓа само 70 километри од главниот град Мексико Сити. Тој имал 15-ина голема ерупции од доаѓањето на Шпанците во 1519 година.

Со своите 5.426 метри, Попокатепетл е втора највисока планина во Мексико.