ЕВРОПА ЛАНСИРА МИСИЈА КОН ЈУПИТЕР ЗА ДА ГИ ИСТРАЖИ ПОТПОВРШИНСКИТЕ ОКЕАНИ НА НЕГОВИТЕ МЕСЕЧИНИ

Париз, (Јуроњуз)

Европската вселенска агенција (ЕСА) се подготвува да ја лансира својата нова мисија, чија цел се Јупитер и неговите ледени месечини, на кои, според научниците, би можело да има услови за живот. Мисијата JUICE ќе изврши детаљни набљудувања на најголемата планета во нашиот Сончев систем и на нејзините три најголеми месечини Калисто, Европа и Ганимед, каде што се верува дека постојат потповршински океани.

Вселенското летало ќе биде лансирано утре во 14:15 часот, кога ќе го почне своето осумгодишно патување до Јупитер, оддалечен речиси 900 милиони километри од Земјата. JUICE ќе биде во орбитата на Јупитер до јули 2031, а мисијата ќе трае до 2035. Со оваа мисија ќе се истражуваат хемијата, структурата, динамиката, времето и климата на гасниот џин Јупитер и како функционира атмосферата без цврста планета под неа.

Примарната цел е, сепак, Ганимед, најголемата месечина во нашиот Сончев систем и единствена која генерира сопствено магнетно поле. JUICE ќе се доближи 500 километри до неговата површина и ќе го истражува тамошниот скриен океан. Се верува дека трите месечини содржат огромно количество вода, шест пати повеќе од количеството вода во океаните на Земјата.

(Фото: ЕСА)