Македонија повторно не доби датум за почеток на пристапни преговори со Европската Унија и за нова шанса ќе мора да почека до следниот самит на европските лидери, што ќе се одржи во мај во Загреб.
Францускиот претседател Емануел Макрон остана на својот цврст непопустлив став и како најгласен противник на проширувањето, ги блокираше Македонија и Албанија на патот кон Европската Унија. Неговиот главен аргумент беше дека прво треба да се реформира процесот на проширување, но и јасно стави на знаење дека Македонија и Албанија во овој момент не се подготвени да ги почнат пристапните преговори. Не помина ниту компромисниот предлог Македонија да се издвои од пакетот со Албанија.
„Имаше мнозинство, и тоа големо мнозинство, на Македонија да ѝ се даде датум за почеток на преговори, но многу земји рекоа ‘не‘ за Албанија. Ќе беше многу лошо за регионот доколку ѝ се дадеше датум само на Македонија“, изјави Макрон.
Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск изјави дека ова е голема грешка на Унијата, затоа што Македонија била подготвена да ги почне преговорите.
„Повеќето земји сакаа да се отворат преговори со Македонија и Албанија. Тие го исполнија она што го баравме од нив и тука особено би го истакнал Преспанскиот договор, кој е исклучително постигнување. Македонија и Албанија го положија испитот, не и Унијата. Сакам да им испратам порака да не се откажуваат, сигурен сум дека еден ден ќе бидете полноправна членка на Европската Унија. Повеќе од 20 земји сакаат процесот на проширување да продолжи и ова не е крај на приказната“, изјави Туск.