Вечерва од 20 часот, на сцената на Велешкиот театар ќе се изведе претставата „Ифигенија“, по текст на Еврипид, а во режија на Зоран Ракочевиќ. Претставата е копродукција на Корифеј театарот од Колашин и Центарот за култура од Бијело Поље, Црна Гора и е дел од официјалната програма на Фестивалот на античка драма „Стоби“.
„Во концентрацијата на власта, Еврипид ни покажува дека човечките жртви за наjголемите општествени идеали се почесни отколку прифаќање на ограничената слобода. Денешната Ифигенија не ја убива пророштвото, туку бесмислената човечка природа“, вели режисерот Ракочевиќ
Во „Ифигенија“ играат Анѓелија Рондовиќ, Јелена Ѓуриќ, Ѓорѓе Татиќ, Петар Новаковиќ и Моамер Сакумовиќ. Дел од актерскиот тим е и авторот на музиката, Бојан Пеко Миниќ.
Пред почетокот на претставата, во фоајето на Велешкиот театар ќе биде отворена изложбата на фотографии „Маски“ на Филип Цветковиќ од Србија.
П. ПЕЧКОВ