ФИЛИП КОРУНОВСКИ ВО ВЕЛЕС ИЗЛОЖУВА ЦРТЕЖИ НАПРАВЕНИ НА ХАРТИЈА ЗА ПАКУВАЊЕ

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Во Ликовниот салон во Велес се отвори изложбата „Несознајно“ на сликарот Филип Коруновски. Ова е негова трета самостојна изложба пред велешани, а се претставува со триесетина дела: цртежи на ликови, работени во техника пастел на хартија за пакување.

„Преку овие ликови се изразени подлабоки емоции, за кои сите се прашуваме, а одговорите сами ќе ги најдеме, не ги добиваме од дела. Ова е една од фазите на моето творештво, во кое работам паралелно на неколку различни концепти. Овој концепт го работам последните три години“, рече Коруновски, додавајќи дека дел од овие дела биле претставени и на неговата изложба во Берлин.

Коруновски дипломирал графика на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, за подоцна да магистрира на одделот за скулптура. Изложбата ќе биде поставена во Ликовниот салон следните две седмици.

П. ПЕЧКОВ