ФРАНЦУСКА МИНИСТЕРКА ЈА ДОНИРАШЕ КОСАТА ЗА ЖЕНИ БОЛНИ ОД РАК

Париз, (Би-Би-Си)

Француската министерка за еднаквост Марлен Скјапа си ја скрати косата и ја донираше на хуманитарна организација која прави перики за жени болни од рак, охрабрувајќи други да го направат истото.

Скјапа го следеше примерот на својата сестра, која на секои две години ја донира косата, придружувајќи се на акцијата по повод Месецот на свесност за рак на дојка. Таа посочи дека покрај високите сметки за лекувањето, голем број жени не можат да си дозволат перика.

„Кога жена се лекува од рак, сметките нагло растат и ги надминуваат можностите. Некои поради хемотерапијата ја губат косата и не можат да си дозволат да купат перика, иако би сакале“, кажа 35-годишната Скјапа во пост на Фејсбук.

Таа охрабри и други жени да помогнат на овој едноставен начин.

„Многу е лесно. Ќе отсечете барем 25 сантиметри од косата, ќе ја соберете во опавче и ќе ја пратите по пошта“.