„СЕДУММИНА САМУРАИ“ ИЗБРАН ЗА НАЈДОБАР ФИЛМ ОД НЕАНГЛИСКО ГОВОРНО ПОДРАЧЈЕ НА СИТЕ ВРЕМИЊА

Лондон, (Гардијан)

„Седуммина самураи“, епската самурајска драма на Акира Куросава од 1954 година, е прогласен за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје на сите времиња, во големата анкета што ја спроведе Би-Би-Си.

Анкетата опфати повеќе од 200 филмски експерти од преку 40 држави, вклучувајќи критичари, професори и куратори, за да се создаде листа од 100 најдобри филмови. „Седуммина самураи“, кој беше номиниран за два оскари, ги победи „Крадци на велосипеди“ (Италија, 1948) и „Токиска приказна“ (Јапонија, 1953). Уште еден филм на Куросава, „Рашомон“ од 1950 година, се најде на четвртото место.

Легендарниот јапонски режисер има вкупно пет филма во топ-100, со колку што се претставени и Луис Буњуел и Ингмар Бергман.

Франција се покажа најпопуларна кинематографија од неанглиско говорно подрачје, со дури 27 филмови на листата, на чело со „Правилата на играта“ од Жан Реноар (1939). Следува мандаринскиот јазик со 12, па јапонскиот и италијанскиот со по 11 филмови.

Иако дури 45% од учесниците во анкетата биле жени, листата вклучува само четири филма снимени од режисерки.