ФРОСИНА ПАРМАКОВСКА ГО ОБЈАВИ НОВИОТ РОМАН „СÈ УШТЕ МОЖАМ НЕШТО ДА СТОРАМ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Сѐ уште можам нешто да сторам“ е новиот роман на писателката Фросина Пармаковска, кој деновиве го објави издавачката куќа „Или-Или“ во едицијата „ПРОаЗА“. Издавачот вели дека ова е роман за денешнината, за реалноста која е таква каква што ја гледаме.

„Како и во другите романи на Пармаковска, и во овој роман се доминантни психологизацијата на главниот и останатите ликови од една страна и личните подеми и падови и созревањето на главниот лик од друга страна. Ова е роман за суштинската промена однатре, промена која настапува како резултат на силни и длабоки потреси, искрени соочувања со себеси и долги разговори во себе низ бројни непроспиени ноќи, роман за чудесното, соништата и за постојаното поместување на границата помеѓу тие два света: реалното и чудесното“, велат од „Или-Или“.

Пармаковска дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Магистрирала на Институтот за македонска литература. Авторка е на романите „Пишувајќи ги изгубените топки“, „Вишнова хроника“, „Одбројување“, кој ја доби наградата Роман на годината за 2017 и „На враќање“.