ГАЛИЧКАТА ЛИКОВНА КОЛОНИЈА СО 18 УМЕТНИЦИ, ОД КОИ 9 ЌЕ ТВОРАТ ОНЛАЈН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Триесет и првото издание на Ликовната колонија во Галичник ќе почне на 15 август. Таму ќе престојуваат и творат девет македонски уметници, а девет странски, ќе учествуваат онлајн поради пандемијата со ковид-19.

Темата годинава е „Коегзистенција“, за која организаторката и кураторка Ана Франговска вели дека ја третира (загубената) релација помеѓу природата и човекот. Колонијата ќе трае до 25 август, а заради поголема безбедност и да се избегне групирање, уметниците ќе бидат поделени во две сесии по пет дена со почитување на сите протоколи за заштита на нивното здравје.

Домашни учесници се: Ненад Тонкин, Јана Јакимовска, Шќипе Мехмети, Борче Богоевски, Тања Ристовка, Зоран Шеќеров, Игор Таневски, Ана Трајковска и Ана Ивановска, а интернационални кои ќе учествуваат онлајн се: Жангхонг Лиао од Кина, Бурим Муфтиу од Косово, Тарлан Лотфизаде од Иран, Слободан Радојковиќ и Марина Марковиќ од Србија, Франциско Томшик од Уругвај, Ивана Радовановиќ од Црна Гора, Рубен Бас од Холандија и Том Лујтен од Белгија.