Семејната авантура „Уау! Порака од вселената“, во режија на Феликс Биндер, од денеска (20 февруари) се прикажува во Скопје и Битола.
Во Кинотеката и во киното Милениум во Скопје филмот се прикажува од 18 часот, додека во Битола ќе игра во киното „Манаки“ на 20 и 21 февруари од 19 часот, а на 22 февруари од 17 часот.
Станува збор за авантура за целото семејство во која главните ликови се 11-годишните Анабел и Дино. Тие се убедени дека ги контактирале вонземјани, но никој не им верува. При посетата на Европската вселенска агенција, нивната авантура добива неочекуван пресврт кога случајно се лансирани во вселената.
Филмот беше премиерно прикажан на меѓународниот филмски фестивал Шлингел во германскиот град Кемниц и на фестивалот Синекид во Амстердам. Дистрибутер на филмот е „Катавеј“ од Скопје, со поддршка од „German Films“.