ГЕРМАНСКИОТ ГИТАРИСТ РАЈХЕНБАХ СО КОНЦЕРТ НА ОХРИДСКО ЛЕТО

Охрид, (СМАРТ.СДК.МК)

Германскиот гитарист Герхард Рајхенбах вечерва (16 јули) ќе одржи концерт на Охридско лето, во црквата „Света Софија“ во 21 часот.

Рајхенбах дебитира како солист во 1980 во Дизелдорф, а на интернационалната сцена првпат настапува во 1990 на Фестивалот за гитара во Волос, Грција. Оттогаш, повеќе од 40 години одржува концерти како солист, со оркестар и на бројни фестивали кои го носат меѓу останатите на сцената на Берлинската филхармонија и во Интернационалната куќа на музиката во Москва.

Репертоарот на овој уметник содржи повеќе од 35 рецитали и бројни концерти за гитара и оркестар.

„Неговите транскрипции за гитара на делата на Скарлати, и особено оние на Бах го поставуваат на чело на интерпретаторите на делата на Бах за гитара во светски рамки“, велат од Фестивалот.

Во последните децении Рајхенбах е особено активен на полето на современата музика за класична гитара изведувајќи дела кои се специјално напишани за него како Балканската соната на Росен Балкански, 12 концертни студии оп. 48 од Бак Волтерс и дела од Атанас Оуркузунов.