ГЕТЕ ИНСТИТУТОТ ДОНИРАШЕ СТОТИНА КНИГИ НА ГЕРМАНСКИ ЈАЗИК ЗА ВЕЛЕШКАТА БИБЛИОТЕКА

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Германскиот институт „Гете“ од Скопје донираше стотина книги на велешката библиотека „Гоце Делчев“. Тоа се дела за различна возраст и за различна читателска публика.

„Донираните книги беа набавени за Саемот на книга минатата година. По неговото завршување, одлучивме да ги подариме на некоја институција. Најголемиот број книги се за деца и млади, има белетристика и доста книги за изучување на германскиот јазик. Ги дониравме на Велешката библиотека поради нивниот проактивен однос, се јавија и покажаа интерес за збогатување на нивниот книжевен фонд“, кажа Катрин Оствалд Рихтер, директорката на Гете институтот во Скопје.

Во библиотеката има француско и англиско катче со дела отпечатени на овие два јазика, како и оддел со Брајово писмо, наменет за слепите лица и лицата со попреченост во видот.

„Библиотеката има дела на повеќе јазици, а литературата на германски беше помалубројна, затоа и се пријавивме за да го зголемиме фондот на книги на германски јазик. Во Велес има доволен број ученици кои го изучуваат германскиот јазик и затоа добиената литература ќе им биде добредојдена за подигање на знаењето“, рече Снежана Бошевска, директорката на Велешката библиотека.

Летово оваа институција доби на подарок книги од Полската и од Руската амбасада во Скопје, печатени на полски и руски јазик.

П. ПЕЧКОВ