ГЛОБАЛНОТО ДВИЖЕЊЕ ЗА ЛЕГАЛИЗИРАЊЕ НА МАРИХУАНАТА ЈА ИМАШЕ НАЈГОЛЕМАТА ГОДИНА ДОСЕГА

Њујорк, (АП)

2018-та беше година во којашто драстично се смени односот на светот и владите кон марихуаната, која се движи кон тоа да стане најбрзо растечката нова индустрија, откако глобалниот пазар експлодираше.

И либерални (Калифорнија) и конзервативни сојузни држави во САД (Јута и Оклахома) се отворија за канабисот, но најважен чекор на тој план направи Канада, која стана втора држава на светот која усвои целосна легализација. Дури и големи брендови како „Кока-кола“ размислуваат да се вклучат во играта.

„Со децении работев на ова и ова беше година во којашто движењето процути. Сега конечно на сите им стана јасно“, вели сенаторот Ерик Блуменауер, демократот од Орегон кој се бори за укинување на федералната забрана за марихуаната.

Сега кога ова стана топ тема низ целиот свет, се очекува моментумот да продолжи и во 2019:

  • Луксембург треба да стане прва европска земја која ќе легализира рекреативна употреба.
  • Јужна Африка исто така се движи во таа насока.
  • Израелскиот парламент го одобри извозот на марихуаната за медицински цели.
  • Тајланд ја легализираше медицинската употреба.
  • Се очекува и други земји од Југоисточна Азија да го следат примерот на Јужна Кореја, која легализираше канабидиол.
  • Две третини од сојузните држави во САД имаат легализирано некој вид на марихуана.
  • Калифорнија стана најголемиот пазар на легална марихуана во светот.

„Веќе не се само САД, се шири“, вели Бен Карен, директор на компанија од Калифорнија која развива софтвер за бизнисите со марихуана.

Легалната марихуана оваа година беше бизнис од 10,4 милијарди долари во САД, при што само на плантажите за одгледување биле вработени 250.000 луѓе. Се очекува вредноста на овој пазар во 2019 година да порасне на 16 милијарди.