ГРУПНА ИЗЛОЖБА ЗА ОПАСНОСТА ОД КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ ОД ДЕНЕС ВО МСУ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Групната изложба „Panic Room или скок во мислењето“ се отвора денеска во 12 часот, во Музејот на современата уметност во Скопје. Во поставката учествуваат уметниците Искра Димитрова, Нехат Беќири, Верица Ковачевска, Нада Прља, Велимир Жерновски, Матеј Богдановски, Христина Иваноска, Јане Чаловски, Ѓорѓе Јовановиќ, Филип Јовановски, Никола Узуновски и групата ОПА.

Кураторка на изложбата е Љиљана Неделковска.

Изложбата ја тематизира состојбата на глобалната опасност од климатските промени што му се заканува на светот. Уметниците со оваа изложба на различни начини и со различни уметнички техники (сликарство, инсталација, цртеж, видео, фотографии, постери, уметничкo истражувачка работилница, интерактивен виртуелен и партиципативен проект), исцртуваат координати за лоцирање на проблемите со коишто се соочува современиот свет во кој живееме, како и на можни креативни платформи како места на отскок од вообичаените практики на мислење и дејствување.

„Концепт на изложбата Panic room е да се понудат можни начини на редизајнирање или ресетирање на нашиот однос кон природното и социјалното опкружување. Создавање инакви пристапи на поврзување и солидарност помеѓу луѓето и нивната околина, наспроти вообичаениот начин на којшто животните услови се земаат здраво за готово, како нешто што се подразбира, како нешто што ни е дадено и што ни припаѓа. Наедно, изложбата е и критика на неолибералната финансиска, технолошка, биополитичка, односно некрополитичка стратегија на манипулирање и колонизирање на сите сфери на просторното, биолошкото и симболичкото постоење, и критика на скриената логиката на функционирањето на глобалниот пазар: што повеќе катастрофи (војни, политички, економски и еколошки кризи), толку повеќе профит“ вели кураторката Неделковска.

Изложбата ќе биде отворена до 5 ноември.