ОСТАТОЦИТЕ ОД НАЦИСТИЧКИ БРОД ПРОНАЈДЕНИ ПОКРАЈ ПОЛСКА МОЖЕБИ ЌЕ ЈА РЕШАТ МИСТЕРИЈАТА НА КИЛИБАРНАТА СОБА

Варшава, (Гардијан)

Полските нуркачи велат дека откриле остатоци од германски брод од Втората светска војна за кои веруваат дека би можеле да ја разрешат неколку децении старата мистерија за локацијата на Килибарната соба, што нацистите ја ограбиле во руска царска палата.

Украсена со килибар и злато, собата била дел од Екатеринскиот дворец во близина на Санкт Петербург. Таа била конструирана во Прусија и му била подарена на Петар Велики во 1776 година.

Реплика на Килибарната соба во Екатеринскиот дворец во близина на Санкт Петербург (Фото: Алами)

Ова богатство за последен пат било видено во Кенигсберг, денешен Калининград. Бродот „Карлсруе“ испловил со тежок товар во 1945 година, пред советските воени бродови да го потопат покрај брегот на Полска. Полските нуркачи тврдат дека ги откриле остатоците на „Карлсруе“.

„Ги баравме овие остатоци од минатата година, кога сфативме дека ова би можела да биде најинтересната неоткриена приказна која лежи на дното на Балтичкото Море. Тие се практички недопрени и содржат воени возила, порцелан и друга непозната содржина“, изјави нуркачот Томаш Стахура.

„Карлсруе“ бил дел од Операцијата Ханибал, една од најголемите поморски евакуации во историјата.