Сите издадени албуми на дуото „Дуле и Коки“ се достапни на дигиталните музички платформи, објави виолинистот Никола Јанков-Коки. Следната година, тој со концерт ќе прослави 30 години од песната „Виолина и гитара“, со која дуото во 1996 победи на Макфест во нивниот роден Штип и оттогаш станаа многу популарни.
Пејачот Душан Љубисављевиќ-Дуле почина на 23 септември 2013 од рак. По повод 10-годишнината од неовата смрт, Јанков одржа концерт во Домот на млади во Штип во 2023, каде што како дуо ги имале првите поголеми настапи. Јанков вели дека пред концертот следната година ќе ги раскажува приказните за тоа како настанале нивните најголеми хитови, зашто за речиси секоја песна има интересна анегдота за тоа како е снимена, а една од нив е и за баладата „Колку треба да се плати“, еден од нивните најголеми хитови.

„Со Дуле бевме под кирија, тогаш живеевме карши главната пошта, кај ‘Агромеханика’. Бевме потстанари со години низ центарот на Скопје. Дуле купи ‘дек’. Беше некој квалитетен од добра фирма и слушавме касети. Еден ден, седам јас сам во дневната соба и слушам музика. Не знам што ме натера, разбркав во една фиока и гледам касета завиткана во хартија, врзана со ластиче. Си велам: ‘Чекај да видам што е ова’. Пуштам. Григор Копров пее демо снимка и свири нешто на гитара. Кашла, па ќе продолжи. Читам, Огнен Неделковски потпишан на текстот. Кога ни ја дале песната, не знам, го прашав после Дуле, не се сеќаваше ни тој. Пуштам пак и пак. Одам во тоалет и се гледам во огледалото, ми течат солзи. Во истиот момент вртам телефон: ‘Митевски, кај си?’ Александар Митевски беше во студио, случајност. ‘Доаѓам, не мрдај оттаму, треба да правиш аранжман’. Дуле дојде, испеа еднаш или двапати. Доволно е. Ема, Ана и Цака ги испеаја придружните вокали. И стана нешто многу големо“, се сеќава Коки и додава дека ако случајно не ја нашол песната на која заборавиле, таа касета можела да се загуби.

„Во тоа време се селевме многу често. Таа касета можеше да залута и никој никогаш да не чуе за песната ‘Колку треба да се плати’. Знам дека беше 2002, зашто во 2003 беше ставена на албумот кај што се ‘Марама’, ‘Мене место не ме фаќа’, ‘Залудно е да се напијам’. А за спотот? Прашајте го Игор Џамбазов, тој е режисерот“, вели Никола Јанков.
Џамбазов во една прилика има кажано дека на Дуле и Коки им рекол само да му донесат што повеќе фотографии и исечоци од весници. Му донеле сѐ што имале и така е снимен спотот. Приказната за штипското дуо кое стана популарно преку ноќ тој ја раскажа преку нивните слики.
На Макфест, кој годинава прослави 40 години, Коки Јанков настапи двапати. На втората вечер, тој ја испеа новата песна „Виолина и…“ посветена на Дуле, а на ревијалната вечер со евергрини, „Виолина и гитара“, нова верзија на хитот од 1996. Автори на „Виолина и…“ се Јован Јованов и Дамјан Лазаров, а на „Виолина и гитара“ Александар Митевски и Валентино Скендеровски.
М. ЏАРОВСКА