Музеј во холандскиот град Лајден отвори изложба за заразни болести низ историјата, по повеќемесечно одложување токму поради заразна болест, односно пандемијата на коронавирусот.
Изложбата „Заразно!“ ја отвори холандскиот крал Вилем-Александер, кој во март се изолираше заедно со сопругата и трите ќерки како превентивна мерка по враќањето од скијање во Австрија.
На подот во музејот има обележани места каде можат да стојат посетителите, што не е дел од поставката, која, пак, до последен момент се подготвуваше за да вклучи и референци за ковид-19. Претставени се и заразни болести како чума и сида.
Дел од поставката се статуи облечени во заштитна облека од времето на чумата, но и лекар од денешнината со сина наметка, пластични ракавици и заштитна маска.