ХОЛАНДИЈА УНИШТУВА МИЛИОНИ ЦВЕЌИЊА НА ДЕН ПОРАДИ КОРОНАВИРУСОТ

Амстердам, (АФП)

Во Холандија сега е сезона на лалиња, но оваа година одгледувачите уништуваат милиони цвеќиња на ден откако побарувачката драстично паднала поради пандемијата на коронавирусот.

Цели планини од лалиња, рози, хризантеми и други видови цвеќиња чекаат да бидат уништени на најголемиот светски цветен пазар во Налдвајк.

(Фото: АФП)

„Тоа е единственото што ни преостанува. Ова е првпат да мора да направиме вакво нешто. Холандската аукција на цвеќиња постои повеќе од 100 години, но никогаш досега немало ваква криза“, изјави Михел фан Ски, портпарол на аукциската куќа за цвеќиња „Ројал ФлораХоланд“.

Оттаму додаваат дека 70-80% од вкупното годишно холандско производство на цвеќиња ќе пропаднат. Ова е голем удар за земјата, каде што лалето е еден од националните симболи.

„Пандемијата доведе до затворање на продавници и бизниси и сето тоа ќе има драматични последици. Никогаш не сме виделе вакво нешто. Нема никаква побарувачка по цвеќиња. Оваа криза дојде во најлош момент за одгледувачите на лалиња“, изјави Приска Клајн, претседателката на Кралската асоцијација на одгледувачи на цвеќиња.