ШПАНЦИТЕ ШЕТААТ КОЗИ, СВИЊИ И КАНАРИНЦИ САМО ЗА ДА ИЗЛЕЗАТ МАЛКУ ОД КАРАНТИН

Барселона, (Индипендент)

Шпанија веќе една недела е во карантин и нејзините жители смислуваат креативни начини како малку да излезат надвор. Наједноставно е ако имаат домашен миленик зашто е дозволено тие да се изнесат надвор на кратко, но некои го злоупотребиле тоа.

Во некои градови полицијата запирала луѓе кои биле начекани во прошетка со коза, свиња, канаринец, па дури и кадифено куче.

„Не обидувајте се да нѐ измамите зашто ќе бидете казнети“, објави полицискиот синдикат откако во градот Паленсија бил запрен маж кој на ланец водел кадифено бело куче.

Реагираше и полицијата во Каталонија.

Ни канаринци, ни свињи, ни кози не се повод да излезете од дома и да ја кршите забраната. Ве молиме да останете дома“, напиша на Твитер полицијата на Палафругељ, град во близина на Џирона.

Полицијата на Мурсија, пак, минатата недела објави снимка како на улица запира маж облечен во костим на тираносаурус.