Вечерва во 20 часот, во Музејот на современа уметност (МСУ) ќе се отвори изложбата „Црна сирова меморија“ на хрватскиот уметник Владимир Фрелих.
„Нештата што нѐ опкружуваат и со кои сме во некаков вид на односи оставаат во нас емотивна трага. Колку и да сме индиферентни кон одредена работа или, пак, субјективно заинтересирани, на крајот сѐ може да се сведе на две категории: на нашиот позитивен или негативен став. Според уметникот, поединци, општества, институции, села, градови и држави секојдневно ги отфрлуваат деловите од својот мемориски и материјален идентитет, градејќи за себе утописка, епско-идеална слика во огледало“, велат од МСУ.
Фрелих дипломирал на Ликовната академија во Диселдорф, Германија. Се занимава со концептуално мултимедиски дела, кои често доаѓаат до граничните подрачја на медиумот. Од 2007 е професор на Уметничката академија во Осиек, а од 2010 е гостин професор на Академијата за уметности во Нови Сад.