ХРВАТСКИТЕ ПИСАТЕЛИ МИЉЕНКО ЈЕРГОВИЌ И АНТЕ ТОМИЌ МЕЃУ ГОСТИТЕ НА 9. „ПРО-ЗА БАЛКАН“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Деветмина писатели, издавачи и уредници од регионот ќе бидат гости на 9. издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, што ќе се одржи од 19 до 22 септември во Скопје. На годинашниот лауреат Мирча Картареску од Романија ќе му се придружат писателите Јоана Николае, Анте Томиќ, Миљенко Јерговиќ, Оливера Ќорвезироска, Гојко Божовиќ и Калин Терзиски. Нивното творештво ќе биде промовирано на отворањето во Даут пашин амам.

Лауреатот Картареску е прозен автор од самиот врв на европската литература, а Николае е авторка на повеќе прозни и поетски книги, за кои освоила бројни награди во Романија и низ Европа.

Томиќ е хрватски писател кој работи како новинар за „Јутарњи лист“, каде што објавува популарни саботни колумни. Досега има напишано четири романи. Рајко Грлиќ го сними филмот „Караула“ базиран на неговата книга „Ништо не треба да нè изненади“, а тие соработуваа и на сценариото за „Устав на Република Хрватска“, што ќе биде прикажан во Кинотека на 20 септември.

Јерговиќ е еден од најзначајните писатели во регионот на поранешна Југославија. Автор е на повеќе од 30 романи, збирки раскази и поетски изданија. Ќорвезироска е застапена во 20-ина антологии на современиот македонски расказ, Бугаринот Терзиски има издадено 23 книги, а Божовиќ е повеќекратно наградуван поет, есеист, критичар, уредник и издавач.

Организатор на фестивалот е издавачката куќа „Прозарт медиа“. Фестивалот ќе се одржува во Даут пашин амам, Кинотека, Европска куќа Скопје и во „Буква“.