ИЛЈАДНИЦИ ГОДИНИ СТАРИ БАОБАБ ДРВЈА ВО АФРИКА НАГЛО СЕ СУШАТ

Лондон, (Гардијан)

Некои од најголемите и најстари баобаб дрвја во Африка нагло се исушиле, целосно или делумно, во последните десетина години, велат научници.

Дрвјата стари меѓу 1.100 и 2.500 години, некои од нив долги колку автобус, најверојатно, се жртви на климатските промени, сметаат тие.

„Девет од најстарите 13 дрвја се исушиле во последните 12 години или барем паднале најстарите делови од нивните стебла. Многу е шокантно и драматично за нашите животи да се види смртта на илјадници години стари дрвја. Ова е настан од неспоредлива магнитуда“, вели Адријан Патруц, коавтор на студијата, објавена во научниот магазин „Нејчр плентс“.

Од деветте исушени дрвја, четири се од најголемите африкански баобаби. Иако причината за нивното изумирање не е потврдена, научниците се сомневаат дека тоа, барем делумно, има врска со значителните промени во климатските услови, што особено ја погодило јужна Африка.

Баобаб е најстарото и најдолговечно цветно дрво на светот и вообичаено расте во африканските савани или во тропски области надвор од континентот. Некои од нив можат да живеат и 3.000 години.