Историскиот самит на САД и Северна Кореја во Сингапур, што го предводеа лидерите Доналд Трамп и Ким Џонг-Ун, не можеше да помине и без заеднички ручек. Тој, исто така, беше одраз на дипломатијата, па на менито се најдоа јадења карактеристични за западната кујна, Кореја и за Југоисточна Азија.

Според официјално објавеното мени, почетното мезе беше свеж коктел од салата од авокадо, зелено манго и малајска салата со октопод и прелив од мед и лимета, како и од корејскиот специјалитет полнети краставици, наречен оисеон.

За главно јадење можеше да се избира помеѓу говедски ребра со печен компир и обарена брокула, крцкаво слатко-кисело свинско месо со пржен ориз и даегу јорим, популарно корејско јадење со бакалар, ротквици и зеленчук.

Како опции за десерт беа колач со црно чоколадо, сладолед од ванила и вишни и тропезиен, тесто со крем.

Ваква селекција на јадења имала за цел да покаже респект кон различни култури и кујни.