ИЛЈАДНИЦИ ЛУЃЕ ЧЕКАА ВО РЕДИЦА ДА КУПАТ МАРИХУАНА ОТКАКО ТАА СТАНА ЛЕГАЛНА И ВО ИЛИНОИС

Чикаго, (АП)

Илиноис влезе во новата декада како 11. американска сојузна држава која ја легализираше марихуаната.

Илјадници жители на Чикаго застанаа во редица уште во рано утро возбудени што за првпат ќе можат легално да купат марихуана.

„Ова е историја, па вредеше да се чека“, изјави Демиен Смит од Мејвуд, откако чекал во редица повеќе од четири часа.

Во исто време, гувернерот Џеј Би Прицкер помилува повеќе од 11.000 осуденици за помали прекршоци за марихуана, што, како што вели, е само прв бран.

„Ја завршуваме 50-годишната војна против канабисот и ги враќаме правата на илјадници жители на Илиноис. Креираме нова индустрија и нов безбеден и легален пазар“, изјави Прицкер.

Според новиот закон, сите жители над 21 година ќе можат да купат до 30 грама марихуана.