Она што почна како шега на Твитер, на Илон Маск му донесе пет милиони долари за само 24 часа.
Американскиот милијардер вети дека ќе почне да продава пламенофрлачи доколку неговата компанија „Боринг“ успее да продаде 50.000 бејзбол капи по цена од 20 долари. Капите се продадоа, па Маск во неделата во понудата уфрли и пламенофрлачи од 500 долари, додавајќи дека „тие загарантирано ќе заживеат секоја забава“.
„Ова е суперужасна идеја. Дефинитивно не го купувајте! Освен доколку не сакате забава“, напиша Маск на Твитер.
За само неколку часа, биле нарачани 7.000 пламенофрлачи, што подоцна порасна на 10.000. Маск потоа мораше да се брани дека идејата не му била да почне зомби апокалипса.
„Шпекулациите дека во тајност креирам зомби апокалипса за да ги продадам пламенофрлачите се комплетно лажни“, напиша тој.
Маск дошол на идеја да ја основа компанијата „Боринг“ пред една година, кога се нашол заглавен во сообраќај. Таа планира да поврзе градови со подземни тунели и со супербрзи електрични лизгалки за превоз на автомобили и луѓе.