„ИЛУЗИЈА“ МУ ЈА ПОСВЕТУВАМЕ НА НАШИОТ ПРОФЕСОР КИРЕ КОСТОВ, РЕКОА ОД „СКОПСКИОТ БРАС КВИНТЕТ“ НА КОНЦЕРТОТ СО ПЕСНИТЕ ОД ТОШЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Хитовите на Тоше Проески одлично звучат кога ги свират лимени инструменти. Единаесет негови песни отсвире сношти (понеделник) „Скопскиот брас квинтет“ на концертот „Брас фантазија за Тоше“ во камерната сала на Филхармонијата. Новите аранжмани се на Трајко Велков и еден на Зоран Костадиновски, за песната „Илузија“.

„Оваа песна ја напиша Кире Костов, кого го загубивме оваа година. На сите нас ни беше професор и беше диригент на Биг бендот на Факултетот за музичка уметност. Тој беше легенда и не треба да набројувам кои песни се негови, затоа ја преработивме ‘Илузија’ во чест на Кире Костов“, кажа Александар Ниниќ, кој во составот свири туба.

Стеван Илиев и Вилијам Бараковски свират труби, Благој Василевски хорна и Никола Ристевски тромбон. „Месечина“, „Руски рулет“, „Лошо ти стои“, „Немир“, која Тоше ја пееше во дует со Каролина Гочева, се дел од хитовите на Тоше кои публиката си ги потпевнуваше на концертот. Веселите „Во коси да ти спијам“ и „Излажи ме“ ги слушнавме на крајот.

„Оваа идеја настана откако свиревме песни од ‘Битлс’ и ‘Квин’ во брас аранжмани, а дел од тие песни ги имаме поминато како лекции на Факултетот за музичка уметност. Затоа овие ноти ќе ги подариме на младите музичари. Зошто македонската популарна музика да не биде дел од програмата која ќе ја изучуваат? Драго ни е што вечерва свириме песни од нашиот великан“, рече Ниниќ.

Додаде дека во аранжманите се забележува џез влијанието на трубачот Трајко Велков и гитаристот Зоран Костадиновски. Ниниќ ги нарече скриени херои кои, меѓу другите, свират на албумите на Игор Џамбазов и на Каролина Гочева, за да ги доближи до пошироката публика.

„Скопскиот брас квинтет“ постои од 2016 и свири различни стилови на музика, од класична преку џез до популарна. Членовите на бендот се дел од оркестрите на НОБ и Филхармонијата, а како солисти свиреле и со меѓународни оркестри и имаат освоено повеќе награди.

М. ЏАРОВСКА