„Штип секогаш ми бил творечки инспиративен вруток, а тоа се однесува и на последната книга ‘Јас. Елегии‘, за која ја добив годинашнава награда ‘Браќа Миладиновци‘“, рече современиот македонски поет Михаил Ренџов на промоцијата, што, по Скопје минатата недела, денеска ја имаше и во својот роден град Штип.
„Во Штип не сум бил одамна и многу одамна не сум настапувал. Порано имав книга под наслов ‘Тој‘. Одминаа годините, па си реков, зошто да нема книга ‘Јас‘, во којашто со поетско видување кажувам кој сум јас“.
Според авторот, творештвото е благослов, но и проклетство. Благослов, како што вели, затоа што создаваш дело што останува по тебе, а проклетството е што животот поминува, одминува и сѐ има крај.
„Во една прилика реков дека само младоста не се заборава и изгледа сум бил во право, затоа што младоста е радоста на живеењето, а тагата и болката се основите на човековото постоење“, вели Ренџов.
Промотори на книгата беа литератот Трајче Кацаров и поетот Бранко Цветковски, кој за Ренџов рече дека е икона на современата македонска поезија и неговиот опус, граден веќе 50 години, остава најсилни траги во македонската литература како лиричар со голема мудрост.
Т. ЈОВАНОВСКИ